Државен просветен инспекторат

Државниот просветен инспекторат има својство на правно лице, сопствена буџетска сметка како буџетски корисник од прва линија, самостојно спроведува постапки за вработување согласно со закон и одлучува за правата и обврските од работен однос.
Вршењето просветен инспекциски надзор опфаќа надзор на квалитетот на образовниот процес и ефективноста преку евалуација на работата на воспитно-образовните установи во основното и средното образование и вршење надзор над примената на законите, другите прописи и општи акти од областа на образованието и воспитанието.

Просветен инспекциски надзор се врши во: основните училишта, средните училишта, детските градинки, установите за образование на возрасните, установите за образование и оспособување на ученици со посебни образовни потреби. Во високообразовните и научните установи инспекциски надзор се врши над примената на законите со кои се уредува високообразовната и научната дејност.

Државниот просветен инспекторат го раководи Директор кој на предлог на министерот за образование и наука го именува Владата на Република Македонија. Во отсуство на директорот го заменува раководен државен службеник кој врши инспекциски надзор, што тој ќе го определи.

Инспекциски надзор во рамките на надлежноста на Државниот просветен инспекторат го вршат државни просветни инспектори.

Државен просветен инспектор може да биде лице кое ги исполнува општите услови утврдени со Законот за државните службеници, Законот за Инспекциски надзор, Законот за просветната инспекција и општите акти на Државниот просветен инспекторат.

Државниот просветен инспекторат врши надзор над:
1.    Постоење услови за вршење на дејноста во воспитно-образовните, високообразовните и научните установи, ученичките и студентските домови;
2.    Остварување на воспитно-образовниот процес во предучилишното, основното и средното образование;
3.    Посебните услови за избор на наставници, стручни соработници и воспитувачи;
4.    Стручното и педагошкото усовршување на наставници, стручни соработници и воспитувачи и полагањето на стручен испит;
5.    Употребата од учебници во основните и средните училишта;
6.    Постапката за избор во наставни, наставно-научни, научни и соработнички звања;
7.    Управување и раководење со воспитно-образовните установи за средно образование основани од државата и приватните средни училишта;
8.    Реализацијата на наставните планови и програми и другите пропишани стандарди и нормативи со кои се уредува воспитно-образовната дејност;
9.    Реализација на воннаставните активности;
10.  Реализацијата на експерименталните програми во воспитно-образовните установи;
11.  Спроведувањето на конкурсот за запишување на учениците и на студентите и на конкурсот за сместување на ученици и студентите во ученичките и студентските домови;
12.   Водењето на педагошката евиденција и документација, како и нивно издавање и употреба во предучилишното, основното, средното и високото образование и ученичките и студентските домови;

13.   Примена на нормативите за бројот на потребниtе наставници и соработници и за големината на групата на редовни студенти во високообразовните установи;

14.   Постапката за донесување на студиските програми во високото образование;
15.   Следење на воспитно-образовниот процес за време на штрајк во предучилишното, основното и средното образование;
16.   Контрола на средствата стекнати од сопствени извори во установите за средно образование основани од државата и, 
17.   Примена на законската регулатива во високото образовните и научните установи.

Државниот просветен инспектор надзорот го врши преку:
-    интегрална евалуација на воспитно-образовните установи,
-    редовен инспекциски надзор,
-    вонреден надзор и
-    контролен надзор.

Интегралната евалуација на воспитно-образовната установа опфаќа: организација и реализација на наставата, условите и културата во воспитно-образовните установи, менаџмент, исполнување и вреднување на работните задачи на наставниците и стручните соработници, професионален развој на воспитно-образовните и раководните кадри, комуникации и односи со јавноста, соработка со родителите и средината и слично.

Процесот на Интегралната евалуација се реализира преку согледување на квалитетот на воспитно-образовниот процес проследен низ седумте теми проследени во Прирачникот за Интегрална евалуација, но и преку фактот дека секое подрачје има свои индикатори кои се јасни показатели за постигнатиот квалитет во основното и средното образование.

Седумте теми низ кои поминува процесот на Интегралната евалауција се:
1. Наставни планови и програми
2. Постигнувања на учениците
3. Учење и настава
4. Поддршка на учениците
5. Училишна клима и односи во училиштето
6. Ресурси
7. Управување, раководење и креирање на политика

Вонредниот надзор се врши врз основа на иницијатива од страна на ученици, студенти, родители, совет на родители, вработени во воспитно-образовната установа и од други граѓани.

Контролниот надзор се изведува по истекот на рокот определен од инспекцијата за отстранување на недостатоците.

Постапката на интегралната евалуација се одвива во три фази:
а) подготвителна фаза,
б) фаза на имплементација (спроведување) и
в) фаза на известување.

Пред да се изврши посетата на воспитно-образовната установа државниот просветен инспектор писмено го информира директорот на воспитно-образовната установа, училишниот одбор и советот на родители за својата намера.

Државниот просветен инспектор претходно се договара со директорот на воспитно-образовната установа за целите на неговата посета, како и за програмата на неговите посети на поединечни часови на наставниците.

Државниот просветен инспектор до воспитно-образовната установа испраќа стандардизиран прашалник, кој содржи информации значајни за Инспекторатот.
Прашалникот треба да биде пополнет од страна на директорот на воспитно-образовната установа и се доставува до инспекторот во рок од осум дена од денот на добивањето на прашалникот.

По извршениот надзор, инспекторот одржува состанок со одговорните лица на воспитно-образовната установа при што го информира за првичните наоди и заклучоци.

Државниот просветен инспектор изработува извештај и го доставува до воспитно-образовната установа.

Писмениот извештај содржи: вовед, основни податоци за училиштето, податоци за работата на училиштето, добрите и слабите страни, препораки и резиме.

Писмениот извештај во форма на нацрт се доставува до воспитно-образовната установа, која во рок од 15 дена треба да се произнесе по извештајот.

Училишниот одбор подготвува акционен план за активности што тој ги предлага како одговор на инспекцискиот надзор. Планот содржи активности кои училиштето ќе ги преземе за да постигне подобрување, како одговор на наведената проблематика во инспекцискиот извештај.

По добивањето на одговорот од воспитно-образовната установа и по разјаснувањето на соодветни спорни моменти во извештајот, извештајот се усвојува од Државниот просветен инспекторат. Истиот се доставува до воспитно-образовната установа, училишниот одбор, советот на родители, градоначалникот на општината, односно градот Скопје, до Министерство и до Бирото за развој на образованието. Извештајот е достапен за јавноста, а резиме од извештајот се објавува на официјалната Интернет страница на Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат.

За извршениот надзор, утврдените состојби, преземените дејства и преземените мерки, просветниот инспектор составува записник.

Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во одреден рок кој го определува инспекторот, а кој рок не може да биде подолг од 8 дена од денот на донесувањето на решението.

Записникот и решението државниот просветен инспектор ги доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот и студентскиот дом, високообразовната и научната установа каде што е извршен инспекцискиот надзор, до Министерството за образование и наука и до директорот на Државниот просветен инспекторат, во рок од 8 дена од денот на извршениот инспекциски надзор.

Против решението на државниот просветен инспектор може да се поднесе жалба  во рок од осум дена од приемот на решението.

Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

По жалба против одлуките на државниот просветен инспектор, одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Ако просветниот инспектор во вршењето на инспекциски надзор утврди дека со повреда на закон или друг пропис е сторен прекршок ќе изрече глоба во мандатна постапка. Ако глобата не се плати во утврдениот рок, просветниот инспектор ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка. При вршење на инспекцискиот надзор ако просветниот инспектор утврди дека со повреда на закон или друг пропис е сторено кривично дело ќе поднесе пријава за сторено кривично дело.

Органот на кого му е поднесено барањето односно пријавата  е должен својата одлука да ја достави до просветниот инспектор.

Просветниот инспектор кога во вршењето на инспекцискиот надзор ќе утврди повреда на закон или друг пропис над чија примена врши надзор друг орган на државната управа, е должен за тоа да го извести надлежниот орган на државната управа.

Државниот просветен инспектор е одговорен ако:
•    При вршењето на надзорот со решение не нареди преземање на мерки и дејствија кои по законот бил должен да ги преземе;
•    Ги пречекори своите законски овластувања;
•    Ја злоупотреби службената должност;
•    Не поднесе пријава, односно не ги извести надлежните органи за утврдените неправилности и недостатоци и
•    Не се легитимира пред почнувањето на вршењето на инспекцискиот надзор.

Државниот просветен инспекторат се организира согласно со неговите надлежности и согласно со законот и другите прописи со подрачни организациони облици, според мрежата на училиштата и јазикот на кој се изведува наставата.

Наши соработници:

01-MON-baner2-za-dpi  02-DIC-baner-za-dpi  03-BRO-baner-za-dpi  CSOO-14-web  

04-eDnevnik-baner-za-dpi   05-plagijati-baner-za-dpi  06-naukaMK-baner-za-dpi  07-patent-baner-za-dpi  

08-1000knigi-baner-za-dpi  09-npro-baner-za-dpi  10-skoool-mk-banr-za-dpi  11-e-ucebnici-baner-za-dpi